На прашањето дали големиот број амандмани се порака за добрососедство, бугарскиот европратеник Kовачев вели да не се гледа само бројот на амандманите бидејќи тие отворено кажуваат каде се проблемите
Жана П. Божиновска
Бугарија сака да и' помогне на Македонија да не ги прави истите грешки што ги правела таа кога неподготвена влегла во Европската унија. Вака бугарските европратеници го објаснуваат големиот број амандмани што ги поднесоа на Предлог-резолуцијата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит.
Овој пат бугарските пратеници се рекордери во поднесување амандмани на предлог-резолуција и од вкупно 203 амандмани на 97 страници, 90-ина се од бугарски пратеници, околу 30 од грчки пратеници, а преостанатите се од другите европарламентарци. Известувачот Ховит не е многу загрижен од бројот на амандманите и за „Дневник“ објаснува дека е нормално во Европскиот парламент да има различни ставови.
- Верувам дека амандманите се пријателски забелешки и ќе бидат основа за добар текст. Јас исто така поднесов амандмани и се обидувам да бидам од помош како известувач - ни изјави Ховит.
За добронамерност и пријателски совети зборуваат и бугарските пратеници.
- Kако добри соседи сакаме да и' помогнеме на Македонија да не ги прави истите грешки што ги правевме ние - вели за „Дневник“ бугарскиот пратеник Андреј Kовачев.
Според него, бугарските пратеници, а и Бугарите генерално, сакаат да им помогнат на македонските граѓани да станат европски граѓани, а истовремено да се подобрат добрососедските односи.
Сепак, додава Kовачев, за тоа не е доволно само да се потпише договорот за добрососедство, туку потребни се постојани контакти на сите полиња.
- Зошто, на пример, да не се направи заеднички македонско-бугарски филм или изложба - додава тој.
На прашањето дали големиот број амандмани се порака за добрососедство, Kовачев советува да не се гледа само бројот на амандманите бидејќи тие отворено кажуваат каде се проблемите. Тој не пропушти да потсети дека меѓу неговите амандмани е и барањето да не се враќаат шенген-визите за македонските граѓани, исто како што не заборави да потстети дека во Македонија од два милиона жители околу 100 илјади имаат бугарски пасоши, а тие граѓани никаде не фигурираат. Наместо тоа, во уставот на државата се споменати сите други националности, освен Бугарите - објаснува Kовачев.
Неговиот колега Димитар Стојанов овој пат е рекордер по поднесени амандмани на предлог-резолуција за Македонија. Тој се согласува со Kовачев дека амандманите се добронамерни за да не се случи и Македонија како Бугарија да влезе неподготвена во ЕУ, но има дополнително објаснување.
- Новиот известувач Ричард Ховит не е многу добро запознаен со Македонија. Ние ја знаеме многу подобро - ни изјави Стојанов.
Големиот број амандмани тој го објаснува со фактот дека „за да бидеш добар пријател со некого, треба отворено да се зборува за проблемите“. Тоа, според него, е чесен однос кон Македонија. Инаку, меѓу многуте амандмани поднесени од Стојанов е тој за Спаска Митрова, за чиј случај вели дека уште не е решен, а таа била подложена на репресии. Митрова работи како негов асистент во Бугарија, што го потврди и самиот Стојанов.
Шефот на дипломатијата, Никола Попоски, ги повика бугарските европарламентарци да помогнат со дела, а не со амандмани.
- За добронамерна размена на мислења за позитивни и негативни амандмани сме подготвени, но не сме подготвени за недобронамерни амандмани, прикажани како помош. Помогнете со дела, а не со амандмани - коментира Попоски.
Предлог-резолуцијата на Ховит тој ја смета за обид на известувачот за избалансиран текст, но очекува пратениците во Европскиот парламент да се потрудат да им помогнат на своите влади да не навлегуваат во реторика што не го подобрува добрососедството.
- Од европските пратеници би очекувал да бидат лидери во поврзувањето на државите и модел за тоа како Балканот сака да биде виден во Европа - вели Попоски.
Според него, негативната реторика во функција на добивање краткорочни поени не е најдобриот пристап, а секој европарламентарец може да има свој придонес за засилување на евроинтеграцискиот процес, што е интерес за сите во регионот.
Предложените амандмани на Предлог-резолуцијата на Ховит за Македонија главно се однесуваат на добрососедството, на прашањето за името, слободата на изразување и на политичката криза во Македонија.
Още по темата Македония:
За филма "Трето полувреме" прочетете тук и гледайте тук
Дебат в Европейския парламент с външния министър на Република Македония
Македония продължава традициите от тоталитарна Югославия