
«Документите зборуваат: судбината на македонските Бугари» е дебата која во средата ја организираше бугарскиот пратеник Андреј Ковачев во Европскиот парламент во Брисел. На конфренцијата беа претставени документи од почетокот на 20 век кои зборуваат за «ситуацијата на македонските Бугари на крајот на 19от век и почетокот на 20 век», вели Ковачев.
Тој на конференцијата ги покани Николај Тошев, претседател на Сојузот на македонските здруженија и внук на Пере Тошев како и Лазар Младенов, претседател на Бугарскиот културен клуб во Скопје.
Самата најава на конференцијата предизвика негативни реакции во Македонија. Ние одлучивме да му дадеме збор на Ковачев кој ја објаснува пораката на овој контрадикторен бриселски настан.
Која е пораката на оваа конференција?
Оваа конференција е претставување на книги од историјата од почетокот на 20 век кои се излагања на дипломати, пратеници, новинари... Тие книги се подарок од гдин Димитар Тодоров кој работел во ОН во Швајцарија и собрал оригинални документи и писма помеѓу бугарските државни организации и жалби кои биле испраќани од Македонија до тогашната Лига на народите за нивната тешка судбина за време на српската окупација во Македонија и нивната желба за самоопределување без притисок. Наша желба е овие документи да бидат на располагање во библиотеката на Европскиот парламент за да можат сите кои во ЕУ се занимаваат со Балканот да читаат оригинални документи.
Каков е вашиот одговор на критичарите кои велат дека вие со вашите ставови ја манипулирате историјата?
Со чудење разбрав дека во медиумите во Македонија има таква интерпретација на оваа конференција. Наша желба е само да претставиме оригинални документи и не разбирам зошто некому во 21 век тоа му пречи! Ова се оригинални документи од почетокот на 20 век по Балканските војни и Првата светска војна и договорите за поделба и цртање на границите за време на жестоката српска окупација на Македонија. Во сите резолуции на Европскиот парламент е повеќе пати кажано дека треба да има објективен приод кон историјата и таа не треба да не дели туку треба да не обединува.
Наша желба не е да ја сопреме македонската интеграција во ЕУ и тоа треба да се покажува. И затоа ми е жал што има такви толкувања во Македонија. Ние само сакаме да се читаат оригиналите на документите а не нивната интерпретација. Со читањето ќе се види што се случувало и како размислувале луѓето тогаш. Никој не сака на Македонија да и наметне некој друг идентитет и тие што се Македонци се добредојдени како такви. Но да не ја злоупотребуваме историјата според желбите на некои политички сили.
Има ли според вас македонско малцинство во Бугарија?
Граѓаните на нашите две држави имале општа историја и таа почнала да се разделува некаде кај 1944-45 година и тоа го има направено комунистичкиот режим преку вршење насилство кај македонските Бугари. Од тогаш со до сега се пораснати повеќе генерации кои имаат изградено друг идентитет во тогашна Југославија а сега независна Македонија.
Но не смееме да прифатиме манипулација на историјата. Јас сметам дека секој човек има право на самоопределба и тука нема никаков проблем но никој не смее да чувствува страв, да изгуби социјални придобивки во општеството и да биде маргинализиран затоа што отворено кажува кои биле баба му и дедо му, семејството, дека ги читал оргиналните документи и знае што пишува во изводот на родените и црковните записи, тој знае кои биле и го знае своето потекло. Тоа е тоа што го бараме.
А дали има македонско малцинство во Бугарија? Во Бугарија има 2 милиони граѓани кои се од Македонија како географска област и тоа се македонските Бугари. Бугари и Македонци било синоним по 45 година на територијата на тогашна Југославија и тоа е променето. Но во Пиринскиот дел таква промена немало.
Има ли Бугари во Македонија?
Секој треба да биде она што се чувствува дека е. Тоа е самоопределување. И никој не треба да се плаши да каже што е. Затоа зборувам за историски документи во оригинал а не за нивната интерпретација.